вторник, 23 декември 2008

Студентските протести во медиумите

По протестот и журката Дајте ни глас!!! се крена прашина по медиумите. Сакав да споделам со читателите дел од тоа што се вртеше по ТВ и весниците за борбата на студентите за слободата на изразување.


Студентската ситуација и протестот на универзитетот низ очите на еднооки.


Студентите обвинуваат за цензура - Алфа ТВ - Вероника Мароска
...укинувањето на последното студенско гласило преставува врв на цензорска политика и дека се тие конечно и апсолутно замолчени."

За укинувањето на студент ФМ на А2, интервју со ректорот и дечкото од сојуз.
Момциве се убедени дека ги поседуваат студентите и факултетот...

Занемеа поради радиомолкот - Шпиц - П.Р.
Претседателот на Студентскиот сојуз, кој беше во зградата на ректоратот, сакајќи да излезе од неа ги забележа студентите и бројните новинарски екипи, по што експресно се врати назад.

Цензура во студентските гласила
“Неквалитетната програма за која не обвинувате се подобрува со низа мерки кои не вклучуваат затворање, укинување, цензура”

Безгласни студенти - Утрински весник - Жаклина Хаџи - Зафирова
"Со затворањето на студентското радио, студентското движење ќе стане безгласна буква..."

Студентите обвинуваат дека нивниот глас е замолчен - Утрински Весник - Жаклина Хаџи-Зафирова
"Случајот со радиото ја изнесе на површина политичката обоеност на студентските организации..."

Протест за студентски глас - Форум - Бојана Димитријевска
"...стотина студенти преврзани преку нивните усти со марама го искажаа својот револт и незадоволство од тиранијата врз слободата на изразување,..."

петок, 19 декември 2008

Кога ќе го клоцнеш, кучето каса.


Се собравме за да им покажеме дека не ни е сеедно, се собравме за да им покажеме дека си ја бараме слободата на изразување.
Ректорот оваа група на студенти кои не се плашат да се борат за своите права ја поврза со политички партии. Незнам како да му нацртам дека барањето на право на изразување е нешто нормално во светов, и кога тоа право е загрозено нормално е студентите да реагираат.

Кучето кога ќе го клоцнеш каса, тоа не значи дека има партиска книшка.

Собирањето на универзитетот за да го искажеме нашето мислење на мирен и креативен протест e природна реакција во отсуство на некој што ќе ги штити нашите права. Оваа реакција станува неопходна кога сојузот го поддржува ректоратот во одлуката за замолчување на студентите.

Ректорот на универзитетот е уверен дека радиото му припаѓа нему, а името било студент ФМ во знак на добра волја кон студените.
Знак на добра волја се покажува кога имаш калашников и 15 заложници во банка па пушташ еден. Работата на ректорот е да го крене квалитетот на образованието и слободата на изразување, не да фрла трошки на добра волја.

Ректорот:
"Студентското радио Студент ФМ не е основано од студентите туку од ректоратот и неговите средства, името што го доби Студент ФМ е само уште еден показател за нашиот однос кон студентите"

Па нормално дека е основано од ректоратот, ама ректоратот не ги бере парите на дрво. Секој студент плаќа за ректоратот и за радиото (информативни активности). Значи ова радио не му припаѓа на ректоратот, уште помалку му припаѓа на сојузот кој одвај чека да го наполни со своите луѓе, радиото им припаѓа на студентите. Студентите се тие што треба да кажат дали е добра програмата, а од радиодифузија треба да кажат дали е соодветна за да се емитува.

Претседателот на студентскиот сојуз:
"Причина за тоа е заради тоа што се избега од концептот заради кој беше отворено радиото и таму се случуваат некои работи кои се вон студентско однесување."

Кажав еднаш во Лесна му земја на студент ФМ и ќе кажам пак, не му е работата на сојузот да диктира како треба да се однесува радиото. Жалби за работата на радиото од страна на студентите и советот за радиодифузија немаше.
Иако не познавам човек на факултет што гласал (ако некогаш имало гласање) за него, сепак должност на претседателот на сојузот е да ги застапува интересите на мнозинството на студенти, а не лични интереси или интересите на ректоратот.

30. 10. 2008 Претседателот на сојузот:
"Студентското радио ќе почне со работа за најмалку месец дена со нова програма и нова структура комплетно“

70 дена не постои никакво студентско гласило, 70 дена студентите немаат глас на факултетот...
Она што сојузот сака да го отвори ќе биде само еден вештачки медиум каде сојузот комотно ќе си ги смести своите луѓе и ќе го прошири своето влијание.
Ако ја признаваат потребата од студентско радио, зошто не предложија измени на програмата без прекин на работата на радиото?
Затоа што многу по лесно се манипулираат студенти кога ги контролираш сите студентски медиуми.

Планот и не им е така лош, ама една ситница пропуштиле. Кога ќе го клоцнеш, кучето каса.

понеделник, 15 декември 2008

Flash mob - Слобода на Изразување

Во вторник, на 16 декември, во 11:59 минути ќе се одржи мирен студентски блиц-протест ( flash mob ) пред споменикот на Кирил и Методиј на платото при фалултетите за општествени науки.

Целта на протестот е искажување на револт и незадоволство од тиранијата врз слободата на изразување, затворањето на студентските медиуми и замолчувањето на студентскиот глас, како и поради пасивноста на студентските организации кои наводно треба да ги претставуваат правата и интересите на студентите!

Студентски Весник? Укинат.
Студентско Радио? Укинато.
Слободни говори на Ораторската Вечер? Укинати.

Студентскиот глас? Замолчен.

Незадоволството симболично ќе го искажеме со преврзување на нашите усти под будниот поглед на нашите патрони - Св. Кирил и Методиј.

Сите заинтересирани потребно е да:
-Дојдат пред споменикот на Св. Кирил и Методиј во 11.45
- да понесат шалче, марама или било што за преврзување на устата
- да го почекаат звукот на свирчето и кога ќе го чујат да ја заврзат устата.
- да стојат така неколку минути се` додека не го чујат следното свирче.

СЕКОЈ ЗАИНТЕРЕСИРАН СТУДЕНТ КОЈ САКА ДА СЕ ВКЛУЧИ И ДА ПРИДОНЕСЕ Е ДОБРЕДОЈДЕН НА НАСТАНОТ!

понеделник, 08 декември 2008

Пушти Глас!

Затворањето на Студент ФМ, задолжителна членарина за неактивна студентска организација која повеќе се интересира за гратиси за B2 отколку за студентските права, смрт на слободата за студентско изразување и застапување.

Време е да се собереме сите студенти за да им покажеме дека не ни е сеедно, бараме нашиот глас да се чуе!

Затоа на 11 декември Четврток ве покануваме на собир за слободно студентско изразување, Пушти Глас!

Club Havana од 20.00 часот, студентски цени, бесплатен влез (до 00:30).

Програма:
  • Паркети
  • DJ Game Over
  • Тони Димитров (канал 103)
  • 40 дневен помен на радио Студент ФМ.
  • Париз `68ма [изложба на оригинални постери од француското студентско движење]

Сите револтирани студенти ќе имаат прилика на журката да разменат контакти и да се придружат на борбата за слобода на студентското изразување и застапување.

Се гледаме во четврток.

петок, 21 ноември 2008

Студентски Реформи

Ви приложуваме дел од колумната на сегашниот Заменик на претседателот на Владата (тогашен блогер), Ивица Боцевски, во која го искажува својот став во врска со важноста од студентска реформа, слобода на говор и отворена критика.

.............,, Од огромна полза за општеството е овој студентски парламент да има најголема можна партиципативност од сите сегменти на студентската популација. Оваа партиципативност создава разновидност и дава едно далечно ехо на времето што доаѓа. За секоја политичка елита од огромно значење е да има активна студентска популација, изложена на глобализираниот свет, која ќе го предизвикува поредокот, институциите и владините програми од свои позиции. Макар колку и изгледаат радикално, од денешна перспектива, студентите од историската 1968 година, неповратно го променија светот. Степенот на демократизацијата на западните општества, како и сите аспекти на актуелната западна култура се производ на оваа историска генерација
Во Македонија студентските протести изостануваат и покрај изобилието од теми што можат да бидат предмет на интерес на оваа популација. Изостануваат и студентски публикации, манифестации, магазини, весници и Интернет-презентации. Не верувам дека не постои вишок енергија, ентузијазам и адреналин, туку едноставно самиот систем е така дизајниран да го маргинализира избликот на студентската енергија и да го контролира студентското движење наместо да му ги стави на располагање сите медиуми за негово изразување и акција.

Од овие причини ми останува само повторно да ја искажам својата поддршка за иницијативата за студентски парламент. Оваа и ваква студентска организација како денешната и самата ќе се распадне под својата тежина, бидејќи веќе е ирелевантна за студентското живеење. Им останува на иницијаторите да бидат упорни и да успеат во својата идеја да направат разнобојни и бучни универзитети, да ги предизвикуваат авторитетите и да бараат отчетност за своите пари. Време е веќе еднаш да се стави крајот на ваквата студентска организација која досега беше регрутен центар за неинвентивни политичари, речиси секогаш прорежимски „дадаисти“ и „климоглавци“, еднакво безлични и аглести. Мојата генерација не успеа да го стори тоа, дури и во демократска Македонија, но сегашните ја имаат таа шанса. ,,

За интегрална колумна овде:
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=70032A00FCB3AB4A9A4FF4AA53B03165

недела, 16 ноември 2008

Конкурс за краток расказ

Врз основа на долгогодишното стрижење и мајтапење со студентите Блогот "За Што Плаќаш" распишува:

КОНКУРС ЗА КРАТОК СТУДЕНТСКИ РАСКАЗ:
Алиса во земјата на чудата.

  • Темата е студентските маки и останати занимливи случувања.
  • Право на учество имаат сите сопственици на студентси индекс.
  • Расказот не смее да биде пократок од 100 зборови.
  • Расказот најдоцна до 10 Декември треба да се достави до: просторот за коментари на овој пост.
  • Од пристигнатите раскази ќе се изберат три најдобри, од кои по пат на гласање читателите ќе изберат победник.
  • Авторот на најдобриот расказ ќе биде награден со гратис за во B2, а останатите апликанти со гратис шишање во најблиската берберница на ссукм.


четврток, 06 ноември 2008

Лесна му земја на Студент ФМ

Се собравме сите тука да му оддадеме последна почит на Студент ФМ. Почивај во мир...
Ректоратот поддржан од Студентскиот Сојуз неодамна му стави клуч на Студентското радио, и им покажа на студентите дека нивната слобода на изразување не е толку важна.

Од ректоратот викаат дека го затвориле радиото пошто им фалеле парички. Универзитетот оваа година не беше лишен од партиципација и не е западнат во некаква финансиска криза. Каде исчезнале тие пари? Зошто УКИМ не може да одвои минимален дел од буџетот (неколку илјади евра) за нешто од толкаво значење за студентите?

Универзитетско радио е една прекрасна работа што постои во демократските земји. Тоа служи за студентите да ги слушнат новостите на универзитетот, да си ги кажат маките и да се опуштат со добро музиче додека учат.
Затворањето на Студент ФМ е негирање на слободата на изразување на студентите.

За да биде трагедијата поголема, Студент ФМ беше единственото место на универзитетот каде студентите од Електро и новинарите можea практично да работат и да си го научат занаетот.
Што е следно? Ќе ја укинат сцената на ФДУ? Ќе ги затворат салите на ДИФ?
Затворањето на Студент ФМ значи намалување на квалитетот на образованието.

Главната цел на студентските претставници е да се борат за подобро образование и слобода на студентско изразување. Сепак тие (студентскиот сојуз) го поддржаа ректоратот во затворањето на радиото.

Претседателот на студентскиот сојуз (инаку верен читател на блогов) изјави:
"Причина за тоа е заради тоа што се избега од концептот заради кој беше отворено радиото и таму се случуваат некои работи кои се вон студентско однесување."

• Радиото е одобрено од советот за радиодифузија.
• Уредникот е професор на Правниот факултет, а заменик уредникот е професионален новинар.
• Вработените се професионално истакнати и академски одликувани студенти кои својата работна задача ја извршуваа најпрофесионално и најодговорно, под надзор на уредниците и советот за радиодифузија.
• Радиото успеваше со неколку илјади евра годишно и со застарена и несоодветна опрема да понуди 24 часовна непрекината програма (со говорни емисии од 08 до 20 секој работен ден) – Комерцијалните радија го прават тоа со десет пати поголем буџет и неспоредливо поголеми технички капацитети!
• Радиото претставува единствениот медиум којшто известува за сите пост-дипломски студии, размени на студенти и достапни стипендии за студентите на УКИМ (можеби ова не му одговара на некој?!)
• Програмата се состои од интервјуа со декани и професори (веројатно тие се оние кои се однесувале нестудентски), културно музички емисии, дебати и вести од факултетот.

Но сепак има надеж! Претседателот на сојузот изјави:
"Студентското радио ќе почне со работа за најмалку месец дена со нова програма и нова структура комплетно“

Значи фраериве од сојуз сакаат да го реактивираат радиото за кое ректоратот тврди дека нема пари. Разликата од Студент ФМ е што ќе има нова структура (луѓе) и нова програма.
Слушателите и советот за радиодифузија немаа проблеми со програмата, а сојузот не е тој што треба да каже што е добра програма. Од изјавата за реактивирање се гледа дека пари има. Значи останува "структурата". Студентското радио беше затворено за сојузот да стави свои луѓе, да ја контролира содржината и да ги контролира студентите.

Заклучок: Сојузот го поддржаа затворањето на последниот вистински студентски медиум за да отвори уште една берберница и да го забрза процесот на стрижење.

Дополнително читање:
http://www.kurir.com.mk/index.php/vesti/makedonija/5612-univer-radio-pod-kluc
http://www.netpress.com.mk/vest.asp?id=43104&kategorija=1
http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=99522

вторник, 04 ноември 2008

Новата управа на Правниот Факултет со противзаконска одлука присвојува студентски пари!

За разлика од претходно, генерацијата на студенти 2006/2007 присилена е повторно да ја запише четвртата година, за која повторно се плаќа партиципација, и секако, неизбежните 200 денари за солидарна одговорност. Имено, преку кратко соопштение срочено на две реченици и залепено на вратата на студенски прашања, со кое се соопштува дека "студентите за полагање на испити од октомвриска сесија треба повторно да ја запишат академската година", без притоа да се наведе основаноста на одлуката, управата на Факултетот добива екстра-приход спротивно на Законот за високо образование.


Според чл. 180, став 2 од Законот за високо образование (Сл. Весник на РМ бр. 35/08): Студентите запишани според студиските програми до денот на влегување во сила на овој закон, можат да ги завршат студиите под услови кои важеле при уписот, но најдоцна во рокот определен за изведување на студиската програма, продолжен за две години, а студиите на високите стручни школи до истекот на студиската 2009/2010.


Значи, Законот е јасен - старите услови важат до утврдениот рок, продолжен за две години, што значи дека студентите запишани во студиската година 2006/2007, имаат рок да завршат до крајот на студиската година 2008/2009. Иако беше потпишана петиција по ова прашање, Управата на Факултетот не го промени своето решение, кое и дозволува да присвои проценета сума од 50.000 евра.

четврток, 30 октомври 2008

Кој си ја има мувата на капата




Деновиве на универзитетот Кирил и Методиј се појавија неколку флаерчиња што ја илустрираат поентата на блогов.

Интересно е тоа што на Економски ги снема многу брзо (еден ден по првичното лепење) дури и од огласна табла, за разлика од плакатите за журки што стојат со месеци.

Една храбра овца и едно малечко прасенце успеаа да потикнат темелно чистење на факултетот, и параноично гребење на лепенките на огласната табла.
Кој си ја има мувата...

Очигледно "некој"(ако погодите кој следува награда) не сака да се расчуе вистината и врши цензура, што е уште еден доказ дека нешто смрди, и уште една причина повеќе да се обрне внимание.



вторник, 28 октомври 2008

За што плаќаме?

Гужва пред студентски прашања како што е редот кога заверуваме семестар. Растрчани студенти со едно чудо уплатници и документи во раце . Студентскиот филм на Универзитетот Кирил и Методиј....

Од сите тие мали плави ливчиња, едно упорно ме боде во очи. ССУКМ 200 денари членарина(150 или 100 на некои факултети). Па добро како успеаа толку брзо да ја откријат мојата животна желба да бидам член на таа престижна организација? Кога ќе се подзамислам, никој не ме праша. А тетката на студентски вика дека без таа уплатница не можам да го заверам семестарот.Си платив зошто нервите ми се при крај...

Што ми изнудија рекет 200 денари ќе ги прежалам, ама кога ќе ја направам математиката во глава 150ден Х 36000 студенти =5 400 000. Пет и пол милиони денари годишно!
Капак на се, за една иста членарина се плаќаат различни суми по факултетиве. Изгледа јас добив premium membership за 200ден, и асално стрижење...

Што аир видовме ние гордите “членови” на ССУКМ (сепак плативме членарина) од овие пет милиончиња?

  • Се редиме ко овци за стрижење пред студентски прашања и тепаме по цели денови чекајки еден обичен печат.
  • Поени мистично исчезнуваат од досиеата на студентите.
  • Бркаме потписи по цели недели .
  • Не постои нормално место за студентите да се исплачат и да си ги кажат маките.
  • Нема кој да ги брани правата и интересите на студентите пред факулетот.

Не најдов одговор прашањето ЗА ШТО ПЛАЌАМЕ? Па си дозволив да шпекулирам:
200 денари за недогледни редици на студентски прашања.
200 денари за да ме гаѓаат со индекс на студентски.
200 денари за нов мебел во празни канцеларии.
200 денари за частење по кафани.
200 денари за ич ништо.

Која е целта на студентски сојуз ако не ги застапува студентите, и на што ги троши оваа организација парите на студентите навистина незнам...