петок, 21 ноември 2008

Студентски Реформи

Ви приложуваме дел од колумната на сегашниот Заменик на претседателот на Владата (тогашен блогер), Ивица Боцевски, во која го искажува својот став во врска со важноста од студентска реформа, слобода на говор и отворена критика.

.............,, Од огромна полза за општеството е овој студентски парламент да има најголема можна партиципативност од сите сегменти на студентската популација. Оваа партиципативност создава разновидност и дава едно далечно ехо на времето што доаѓа. За секоја политичка елита од огромно значење е да има активна студентска популација, изложена на глобализираниот свет, која ќе го предизвикува поредокот, институциите и владините програми од свои позиции. Макар колку и изгледаат радикално, од денешна перспектива, студентите од историската 1968 година, неповратно го променија светот. Степенот на демократизацијата на западните општества, како и сите аспекти на актуелната западна култура се производ на оваа историска генерација
Во Македонија студентските протести изостануваат и покрај изобилието од теми што можат да бидат предмет на интерес на оваа популација. Изостануваат и студентски публикации, манифестации, магазини, весници и Интернет-презентации. Не верувам дека не постои вишок енергија, ентузијазам и адреналин, туку едноставно самиот систем е така дизајниран да го маргинализира избликот на студентската енергија и да го контролира студентското движење наместо да му ги стави на располагање сите медиуми за негово изразување и акција.

Од овие причини ми останува само повторно да ја искажам својата поддршка за иницијативата за студентски парламент. Оваа и ваква студентска организација како денешната и самата ќе се распадне под својата тежина, бидејќи веќе е ирелевантна за студентското живеење. Им останува на иницијаторите да бидат упорни и да успеат во својата идеја да направат разнобојни и бучни универзитети, да ги предизвикуваат авторитетите и да бараат отчетност за своите пари. Време е веќе еднаш да се стави крајот на ваквата студентска организација која досега беше регрутен центар за неинвентивни политичари, речиси секогаш прорежимски „дадаисти“ и „климоглавци“, еднакво безлични и аглести. Мојата генерација не успеа да го стори тоа, дури и во демократска Македонија, но сегашните ја имаат таа шанса. ,,

За интегрална колумна овде:
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=70032A00FCB3AB4A9A4FF4AA53B03165

недела, 16 ноември 2008

Конкурс за краток расказ

Врз основа на долгогодишното стрижење и мајтапење со студентите Блогот "За Што Плаќаш" распишува:

КОНКУРС ЗА КРАТОК СТУДЕНТСКИ РАСКАЗ:
Алиса во земјата на чудата.

  • Темата е студентските маки и останати занимливи случувања.
  • Право на учество имаат сите сопственици на студентси индекс.
  • Расказот не смее да биде пократок од 100 зборови.
  • Расказот најдоцна до 10 Декември треба да се достави до: просторот за коментари на овој пост.
  • Од пристигнатите раскази ќе се изберат три најдобри, од кои по пат на гласање читателите ќе изберат победник.
  • Авторот на најдобриот расказ ќе биде награден со гратис за во B2, а останатите апликанти со гратис шишање во најблиската берберница на ссукм.


четврток, 6 ноември 2008

Лесна му земја на Студент ФМ

Се собравме сите тука да му оддадеме последна почит на Студент ФМ. Почивај во мир...
Ректоратот поддржан од Студентскиот Сојуз неодамна му стави клуч на Студентското радио, и им покажа на студентите дека нивната слобода на изразување не е толку важна.

Од ректоратот викаат дека го затвориле радиото пошто им фалеле парички. Универзитетот оваа година не беше лишен од партиципација и не е западнат во некаква финансиска криза. Каде исчезнале тие пари? Зошто УКИМ не може да одвои минимален дел од буџетот (неколку илјади евра) за нешто од толкаво значење за студентите?

Универзитетско радио е една прекрасна работа што постои во демократските земји. Тоа служи за студентите да ги слушнат новостите на универзитетот, да си ги кажат маките и да се опуштат со добро музиче додека учат.
Затворањето на Студент ФМ е негирање на слободата на изразување на студентите.

За да биде трагедијата поголема, Студент ФМ беше единственото место на универзитетот каде студентите од Електро и новинарите можea практично да работат и да си го научат занаетот.
Што е следно? Ќе ја укинат сцената на ФДУ? Ќе ги затворат салите на ДИФ?
Затворањето на Студент ФМ значи намалување на квалитетот на образованието.

Главната цел на студентските претставници е да се борат за подобро образование и слобода на студентско изразување. Сепак тие (студентскиот сојуз) го поддржаа ректоратот во затворањето на радиото.

Претседателот на студентскиот сојуз (инаку верен читател на блогов) изјави:
"Причина за тоа е заради тоа што се избега од концептот заради кој беше отворено радиото и таму се случуваат некои работи кои се вон студентско однесување."

• Радиото е одобрено од советот за радиодифузија.
• Уредникот е професор на Правниот факултет, а заменик уредникот е професионален новинар.
• Вработените се професионално истакнати и академски одликувани студенти кои својата работна задача ја извршуваа најпрофесионално и најодговорно, под надзор на уредниците и советот за радиодифузија.
• Радиото успеваше со неколку илјади евра годишно и со застарена и несоодветна опрема да понуди 24 часовна непрекината програма (со говорни емисии од 08 до 20 секој работен ден) – Комерцијалните радија го прават тоа со десет пати поголем буџет и неспоредливо поголеми технички капацитети!
• Радиото претставува единствениот медиум којшто известува за сите пост-дипломски студии, размени на студенти и достапни стипендии за студентите на УКИМ (можеби ова не му одговара на некој?!)
• Програмата се состои од интервјуа со декани и професори (веројатно тие се оние кои се однесувале нестудентски), културно музички емисии, дебати и вести од факултетот.

Но сепак има надеж! Претседателот на сојузот изјави:
"Студентското радио ќе почне со работа за најмалку месец дена со нова програма и нова структура комплетно“

Значи фраериве од сојуз сакаат да го реактивираат радиото за кое ректоратот тврди дека нема пари. Разликата од Студент ФМ е што ќе има нова структура (луѓе) и нова програма.
Слушателите и советот за радиодифузија немаа проблеми со програмата, а сојузот не е тој што треба да каже што е добра програма. Од изјавата за реактивирање се гледа дека пари има. Значи останува "структурата". Студентското радио беше затворено за сојузот да стави свои луѓе, да ја контролира содржината и да ги контролира студентите.

Заклучок: Сојузот го поддржаа затворањето на последниот вистински студентски медиум за да отвори уште една берберница и да го забрза процесот на стрижење.

Дополнително читање:
http://www.kurir.com.mk/index.php/vesti/makedonija/5612-univer-radio-pod-kluc
http://www.netpress.com.mk/vest.asp?id=43104&kategorija=1
http://a1.com.mk/vesti/default.aspx?VestID=99522

вторник, 4 ноември 2008

Новата управа на Правниот Факултет со противзаконска одлука присвојува студентски пари!

За разлика од претходно, генерацијата на студенти 2006/2007 присилена е повторно да ја запише четвртата година, за која повторно се плаќа партиципација, и секако, неизбежните 200 денари за солидарна одговорност. Имено, преку кратко соопштение срочено на две реченици и залепено на вратата на студенски прашања, со кое се соопштува дека "студентите за полагање на испити од октомвриска сесија треба повторно да ја запишат академската година", без притоа да се наведе основаноста на одлуката, управата на Факултетот добива екстра-приход спротивно на Законот за високо образование.


Според чл. 180, став 2 од Законот за високо образование (Сл. Весник на РМ бр. 35/08): Студентите запишани според студиските програми до денот на влегување во сила на овој закон, можат да ги завршат студиите под услови кои важеле при уписот, но најдоцна во рокот определен за изведување на студиската програма, продолжен за две години, а студиите на високите стручни школи до истекот на студиската 2009/2010.


Значи, Законот е јасен - старите услови важат до утврдениот рок, продолжен за две години, што значи дека студентите запишани во студиската година 2006/2007, имаат рок да завршат до крајот на студиската година 2008/2009. Иако беше потпишана петиција по ова прашање, Управата на Факултетот не го промени своето решение, кое и дозволува да присвои проценета сума од 50.000 евра.