вторник, 23 декември 2008

Студентските протести во медиумите

По протестот и журката Дајте ни глас!!! се крена прашина по медиумите. Сакав да споделам со читателите дел од тоа што се вртеше по ТВ и весниците за борбата на студентите за слободата на изразување.


Студентската ситуација и протестот на универзитетот низ очите на еднооки.


Студентите обвинуваат за цензура - Алфа ТВ - Вероника Мароска
...укинувањето на последното студенско гласило преставува врв на цензорска политика и дека се тие конечно и апсолутно замолчени."

За укинувањето на студент ФМ на А2, интервју со ректорот и дечкото од сојуз.
Момциве се убедени дека ги поседуваат студентите и факултетот...

Занемеа поради радиомолкот - Шпиц - П.Р.
Претседателот на Студентскиот сојуз, кој беше во зградата на ректоратот, сакајќи да излезе од неа ги забележа студентите и бројните новинарски екипи, по што експресно се врати назад.

Цензура во студентските гласила
“Неквалитетната програма за која не обвинувате се подобрува со низа мерки кои не вклучуваат затворање, укинување, цензура”

Безгласни студенти - Утрински весник - Жаклина Хаџи - Зафирова
"Со затворањето на студентското радио, студентското движење ќе стане безгласна буква..."

Студентите обвинуваат дека нивниот глас е замолчен - Утрински Весник - Жаклина Хаџи-Зафирова
"Случајот со радиото ја изнесе на површина политичката обоеност на студентските организации..."

Протест за студентски глас - Форум - Бојана Димитријевска
"...стотина студенти преврзани преку нивните усти со марама го искажаа својот револт и незадоволство од тиранијата врз слободата на изразување,..."

петок, 19 декември 2008

Кога ќе го клоцнеш, кучето каса.


Се собравме за да им покажеме дека не ни е сеедно, се собравме за да им покажеме дека си ја бараме слободата на изразување.
Ректорот оваа група на студенти кои не се плашат да се борат за своите права ја поврза со политички партии. Незнам како да му нацртам дека барањето на право на изразување е нешто нормално во светов, и кога тоа право е загрозено нормално е студентите да реагираат.

Кучето кога ќе го клоцнеш каса, тоа не значи дека има партиска книшка.

Собирањето на универзитетот за да го искажеме нашето мислење на мирен и креативен протест e природна реакција во отсуство на некој што ќе ги штити нашите права. Оваа реакција станува неопходна кога сојузот го поддржува ректоратот во одлуката за замолчување на студентите.

Ректорот на универзитетот е уверен дека радиото му припаѓа нему, а името било студент ФМ во знак на добра волја кон студените.
Знак на добра волја се покажува кога имаш калашников и 15 заложници во банка па пушташ еден. Работата на ректорот е да го крене квалитетот на образованието и слободата на изразување, не да фрла трошки на добра волја.

Ректорот:
"Студентското радио Студент ФМ не е основано од студентите туку од ректоратот и неговите средства, името што го доби Студент ФМ е само уште еден показател за нашиот однос кон студентите"

Па нормално дека е основано од ректоратот, ама ректоратот не ги бере парите на дрво. Секој студент плаќа за ректоратот и за радиото (информативни активности). Значи ова радио не му припаѓа на ректоратот, уште помалку му припаѓа на сојузот кој одвај чека да го наполни со своите луѓе, радиото им припаѓа на студентите. Студентите се тие што треба да кажат дали е добра програмата, а од радиодифузија треба да кажат дали е соодветна за да се емитува.

Претседателот на студентскиот сојуз:
"Причина за тоа е заради тоа што се избега од концептот заради кој беше отворено радиото и таму се случуваат некои работи кои се вон студентско однесување."

Кажав еднаш во Лесна му земја на студент ФМ и ќе кажам пак, не му е работата на сојузот да диктира како треба да се однесува радиото. Жалби за работата на радиото од страна на студентите и советот за радиодифузија немаше.
Иако не познавам човек на факултет што гласал (ако некогаш имало гласање) за него, сепак должност на претседателот на сојузот е да ги застапува интересите на мнозинството на студенти, а не лични интереси или интересите на ректоратот.

30. 10. 2008 Претседателот на сојузот:
"Студентското радио ќе почне со работа за најмалку месец дена со нова програма и нова структура комплетно“

70 дена не постои никакво студентско гласило, 70 дена студентите немаат глас на факултетот...
Она што сојузот сака да го отвори ќе биде само еден вештачки медиум каде сојузот комотно ќе си ги смести своите луѓе и ќе го прошири своето влијание.
Ако ја признаваат потребата од студентско радио, зошто не предложија измени на програмата без прекин на работата на радиото?
Затоа што многу по лесно се манипулираат студенти кога ги контролираш сите студентски медиуми.

Планот и не им е така лош, ама една ситница пропуштиле. Кога ќе го клоцнеш, кучето каса.

понеделник, 15 декември 2008

Flash mob - Слобода на Изразување

Во вторник, на 16 декември, во 11:59 минути ќе се одржи мирен студентски блиц-протест ( flash mob ) пред споменикот на Кирил и Методиј на платото при фалултетите за општествени науки.

Целта на протестот е искажување на револт и незадоволство од тиранијата врз слободата на изразување, затворањето на студентските медиуми и замолчувањето на студентскиот глас, како и поради пасивноста на студентските организации кои наводно треба да ги претставуваат правата и интересите на студентите!

Студентски Весник? Укинат.
Студентско Радио? Укинато.
Слободни говори на Ораторската Вечер? Укинати.

Студентскиот глас? Замолчен.

Незадоволството симболично ќе го искажеме со преврзување на нашите усти под будниот поглед на нашите патрони - Св. Кирил и Методиј.

Сите заинтересирани потребно е да:
-Дојдат пред споменикот на Св. Кирил и Методиј во 11.45
- да понесат шалче, марама или било што за преврзување на устата
- да го почекаат звукот на свирчето и кога ќе го чујат да ја заврзат устата.
- да стојат така неколку минути се` додека не го чујат следното свирче.

СЕКОЈ ЗАИНТЕРЕСИРАН СТУДЕНТ КОЈ САКА ДА СЕ ВКЛУЧИ И ДА ПРИДОНЕСЕ Е ДОБРЕДОЈДЕН НА НАСТАНОТ!

понеделник, 8 декември 2008

Пушти Глас!

Затворањето на Студент ФМ, задолжителна членарина за неактивна студентска организација која повеќе се интересира за гратиси за B2 отколку за студентските права, смрт на слободата за студентско изразување и застапување.

Време е да се собереме сите студенти за да им покажеме дека не ни е сеедно, бараме нашиот глас да се чуе!

Затоа на 11 декември Четврток ве покануваме на собир за слободно студентско изразување, Пушти Глас!

Club Havana од 20.00 часот, студентски цени, бесплатен влез (до 00:30).

Програма:
  • Паркети
  • DJ Game Over
  • Тони Димитров (канал 103)
  • 40 дневен помен на радио Студент ФМ.
  • Париз `68ма [изложба на оригинални постери од француското студентско движење]

Сите револтирани студенти ќе имаат прилика на журката да разменат контакти и да се придружат на борбата за слобода на студентското изразување и застапување.

Се гледаме во четврток.